На покана од КУД “Македонија” од Уна, во близината на Дортмунд, Германија, ФА Љупчо Сантов од Оризари од 23-ти октомври до 27-ми октомври беше дел од прославата и одбележувањето на јубилејот по повод 30 години постоење на КУД “Македонија”.

Дечињата од ФА Љупчо Сантов од Оризари по пристигнувањето во Дортмунд беа топло пречекани од нашите домаќини од КУД Македонија – Уна и Црковната управа од Македонската православна Црква од Дортмунд и парохискиот свештеник протојереј ставрофор Душко Пецов(кој е по потекло од Кочанскиот крај -Зрновци)

Младите фолклористи по заедничкиот ручек приготвен од домаќините ја посетија Црквата Св.Кирил и Методиј каде се запознаа со историјата на црквата а потоа им беа поделени скромни подароци за спомен.

На 25-ти октомври ФА Љупчо Сантов беше дел од повеќечасовната јубилејна програма по повод 30 години постоење на КУД “Македонија”, при што ансамблот настапи со изворен фолклор, инструментални изведби со тапани и тамбура, песни и уметнички ора во три блока со времетрање од 40 минути.

Доказ за успешниот настап на оваа гала вечер беше громогласниот аплауз што го добија нашите фолклористи од преполната сала на крајот на нивната сценска изведба.

Значењето и важноста на овој значаен јубилеј за постоењето на македонската заедница во Германија во своите говори го истакнаа и амбасадорот на Република Македонија во Германија Проф. Д-р Илбер Села, директорот на Агенцијата за иселеништво Горанчо Ангелов, претставници од конзулати, министерства и локални претставници од општина Уна, кои му дадоа уште поголемо значење на овој настан со нивното присуство.

Самото присуство на овој значаен настан организиран од страна на македонската заедница во Германија на кој присуствуваа и високи државни претсавници, уште еднаш го потврдува фактот дека членовите на ФА Љупчо Сантов се вистински амбасадори на нашиот фолклор во земјава и во странство, односно вистински промотори на Оризари и Општина Кочани надвор од границите на нашата држава.

Младите фолклористи во рамки на посетата на Германија имаа настап и во МПЦО “Св. Петка” во Дизелдорф, по повод нејзиниот патронен празник.

Слободното време беше искористено за дружење, прошетки и други активности со љубезните домаќините од Уна, Германија на кои сме им бескрајно благодарни за топлиот пречек за време на нашиот престој.

Особена чест за членовите на нашиот фолклорен ансамбл беше присуството и дружењето со многубројните македонски иселеници од Оризари кои долги години живеат и работат во Дортмунд и околината, со кои разменивме многу и убави спомени од нашето прекрасно Оризари и на кои им пренесовме срдечни поздрави од татковината со желба за што поскорешно видување во нашата татковина.

Како дел од оваа турнеја, членовите на ФА Љупчо Сантов на враќање од Германија го посетија и главниот град на Чешка – Прага и уживаа во убавините на еден од најубавите градови во Европа, каде што направија прекрасни фотографии за спомен од оваа посета.

За крај можеме да кажеме дека зад нас е уште една успешно реализирано гостување. Достојно го прикажавме македонскиот фолклор и нашето културно богатство надвор од границите на нашата држава, склопивме нови пријателства, посетивме многу нови градови.

Нашите членови можат да прибележат уште неколку нови држави во богатиот список на посетени држави, и со задоволство можат да констатираат дека е вистинска привилегија и чест да се биде дел од ФА Љупчо Сантов.