Од 31 мај до 2 јуни 2024 година се одржа 121-то издание на Фестивалот на розата на кој втора година по ред имаа чест да бидат учесници членовите на ФА Љупчо Сантов од Оризари.

Фестивалот на розата на кој нашиот ансамбл има учествувано повеќепати, се одржува во првата недела од јуни, а првиот петок е традиционално официјалниот празник на градот – Денот на Казанл’к, кога се крунисува новоизбраната Кралицата на розата“, и започнуваат да кулминираат богатите тридневни фестивалски активности.

И оваа година фестивалот имаше богата програма – многу забава за млади и стари, традиционалното доделување на титулата „Кралица на розата“, презентација на локални занаети, обичаи и традиции, како и многу музика и игра кои беа прикажани пред многубројните гости на фестивалот и градот Казанл’к присутни на овогодинешното издание на Фестивалот на розите.

Традиционално, кулминација на фестивалските активности е резервирана за недела, кога тргнува грандиозната шарена карневалска поворка низ улиците на Казанл’к во недела напладне, која е најголемиот уличен карневал во Бугарија со над 10 000 учесници, настан на кој е вистинска чест и задоволство да се учествува и од кој нашите млади членови си заминуваат со многу емоции и спомени кои долго ќе траат.