Од 31 мај до 01 јуни 2024 година членовите на нашиот фолклорен ансамбл Љупчо Сантов од Оризари беа учесници на 21-от Меѓународен етно фестивал „Децата на Балканот – со духовност во Европа“ кој од 2001 година традиционално се одржува секоја година во Општина Минерални Бањи – Хасково во Република Бугарија.

На сцената во Летниот театар во Општина Минерални бањи годинава свое учество зедоа повеќе од 1.800 деца од седум земји, од кои 170 ансамбли, 30 групи, над 90 општински центри и училишта. Во текот на двата фестивалски дена беа прукажани 299 уметнички кореографии.

Како и секоја година целта на етно-фестивалот е да се поврзат етничките групи, да им се даде можност на децата да се запознаат меѓусебно додека се мали со нивните разлики во нивниот начин на живот, култура, традиции, фолклор, да научат да се разбираат, да растат со толеранција и меѓусебно да градат мостови на пријателство.

Нашите членови за нивното успешно учество на фестивалот беа наградени во повеќе категории, а самиот факт што беа дел од овој масовен меѓународен фестивал на кој имаа можност да другаруваат и да стекнат нови пријателства, беше најголемото признание и награда за нашите млади фолклористи.