Како и секоја година Декември е месец за сумирање и анализа на постигнатото во годината што ја оставаме зад нас.
Ако погледнеме наназад во изминатава 2024 година, можеме да кажеме дека зад нас оставаме една навистина успешна година, богата со настани, концерти, гостувања, година на која со гордост ќе се присетуваме.
Годината ја започнавме со гостување во емисијата Качамак на нашата национална телевизија Сител во Јануари, по што нашето годинешно патешествие продолжи кон соседна Бугарија во градот Перник каде што бевме гости учесници на Меѓународен фестивал „Сурва“ кој се одржува традиционално по 30-ти пат.
Февруари беше резервиран за посета на Србија, односно посета на Медвеџа-Трстеник кај нашите долгогодишни пријатели КУД Медвеџа, каде што со заеднички настапи ја прославивме нашата десетгодишна успешна соработка. Попатно нашите членови ја посетија и уживаа во убавините на Врњачка Бања.
Како и секој сериозен фолклорен ансамбл, оваа година за прв пат го издадовме нашиот годишник. Во него можеше да се видат и прочитаат многу информации за нашиот ансамбл. Преку слики и зборови беа прикажани сите наши активности во 2023 година. Во март ја одбележавме и 80 годишнината од смртта на Љупчо Сантов, односно бевме специјални гости на патрониот празник на СОУ Љупчо Сантов.
Во месецот на шегата – Април за нашите членови организиравме маскенбал во кој сите наши членови уживаа а беа доделени и награди за најкреативните. Покрај смеа и шеги во месец Април докажавме дека знаеме да бидеме и сериозни, па официјално беше пуштен во употреба нашиот интерактивен веб сајт каде можете да ги најдете сите информации за нашиот ансамбл.
Месец Мај е резервиран за нашиот фолклорен фестивал – Традиционали Ѓурѓовденски обичаи, песни и ора, кој годинава го прослави 11-от роденден. И оваа година бевме домаќини на многу фолклорни групи од земјава и од странство. Фестивалот изобилуваше со многу традиционални песни, ора и обичаи, а богами добро и се дегустираше од богатата трпеза која ја подготвија нашите вредни домаќинки. Во мај го промовиравме нашиот фестивал во емисијата Везилка на Алфа телевизија каде гостуваше нашиот ансамбал а бевме и на патување до соседна Бугарија на меѓународниот фестивал „Шарено цвете“ во Благоевград.
Во Јуни ја продолживме нашата турнеа низ зелената Бугарија. Овојпат не беше доволно само една група, па заминавме на патување со две групи. Првата група учествуваше на Меѓународниот детски етно-фестивал ,Децата на Балканите – со духовност во Европа” кој се одржува во прекрасната природа на Минерални бањи – Хасково а втората беше учесник на Меѓународниот Фолклорен Фестивал во рамките на 121-та манифестација Празникот на розата во Казанл’к на кој учествуваат преку 10 000 учесници.
Месец Јули, започнуваше летото и време беше за гостувавање покрај вода. Во Јули гостувавме на XI-та Меѓународна фолклорна смотра во Стјепан Поље, Грачаница, Босна и Херцеговина, каде што заедно со нашите домаќини уживавме во комплексот солени Панонски езера во Тузла. Јули беше резервиран и за остварување на нова соработка, овојпат раководството на ансамблот во Цетиње, Црна Гора, потпиша Договор за меѓусебна соработка (размена на знаења и искуства од разни области, учество на проекти, настани и др.) со Здружението Лаб и Полона Лах од Марибор, Словенија. А дека имавме возбудливо и исполнето лето доказ е и нашето гостување во Босилеград – Србија во Јули кое му предходеше на гостувањето кај нашето збратимено фолклорно друштво КУД Чарапанка во Крвавица- Србија.
Август во нашиот ансамбал е резервиран за одмор со нашите најблиски па затоа единствена активност ни беше настапот на „Каменичко културно лето 2024“ на крајот на месецот.
Убавото време и продолженото лето во месец Септември го искористивме повторно за гостување покрај вода, овојпат бевме гости на VIII-от Меѓународен Фолклорен Фестивал Игало 2024 – Фолклорен концерт во Бијела, Херцег Нови, Црна Гора, на прекрасното црногорско приморје каде што достојно ја претставивме нашата држава. Во Септември го славевме и оризот, односно нашиот ансамбл беше домаќин на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ 2024 кој изобилуваше со богата културно уметничка програма и во чии рамки се прикажува и традиционалната жетва на ориз.
Во Октомври повторно снимавме Везилка, но овојпат ние им бевме домакини на Телевизија Алфа.
Во предпоследниот месец од годината, месец Ноември настапивме на националниот саем за храна и пијалоци „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“ одржан во паркот Авионче во Аеродром, Скопје.
Година исполнета со многу настани и предизвици, на кои се надеваме дека успешно одговоривме и достојно го претставивме фолклорот и културата на Македонија за што сведочат многубројните награди и признанија. Нашите членови уште еднаш докажаа дека се вистински ентузијасти подготвени да одговорат на сите предизвици. Во месец Декември следи нашиот годишен концерт после кој ќе сумираме, ќе резимираме и ќе анализираме. Се надеваме дека новата 2025 ќе ни биде уште поуспешна и побогата.
Фолклорен поздрав од ФА Љупчо Сантов!
Стани дел од нашиот ансамбл
Уписите се отворени за сите заинтересирани нови членови - како и за волонтери за активностите на ансамблот
Стани Наш Член